Клубот на Миовски има нова цел по „корпата“ од Џерард

Поранешниот капитен на Ливерпул и легенда на англискиот фудбал, Стивен Џерард, донесе одлука да не се врати на клупата на шкотскиот гигант Ренџерс, иако клубот покажа сериозен интерес за негово враќање. Според информациите на британските медиуми, по неколкудневни разговори со управата на клубот, Џерард проценил дека моментално не е вистинското време да ја преземе повторно функцијата на главен тренер.

Како што информираат од Островот, биле одржани детални средби меѓу двете страни, во кои се разгледувале можностите за негово враќање на „Ајброкс“. Иако атмосферата на разговорите била позитивна, Џерард одлучил да ја прекине комуникацијата и да ја одбие понудата, наведувајќи дека сака да почека подобра ситуација за евентуален нов ангажман во клубот. Двете страни сепак останале во коректни односи и се согласиле дека можноста за соработка во иднина останува отворена.

Британскиот стратег остави длабока трага во шкотскиот фудбал за време на својата претходна етапа на „Ајброкс“, кога во сезоната 2020/21 го предводеше Ренџерс до титулата во шкотското првенство без ниту еден пораз. Со тој успех, тимот го спречи Селтик да стигне до историската десетта последователна шампионска круна, што дополнително ја зацврсти неговата репутација меѓу навивачите.

По заминувањето од Ренџерс, Џерард ја продолжи тренерската кариера во Премиерлигата со Астон Вила, но резултатите беа променливи, по што ја прифати понудата од саудискиот клуб Ал Етифак. Таму остана околу 18 месеци пред да ја прекине соработката во јануари годинава.

Ренџерс моментално е во потрага по нов тренер откако клубот се раздели со Расел Мартин на почетокот на октомври поради слаби резултати во домашното првенство. Сега како главен фаворит се споменува Мајкл Керик, некогашен англиски репрезентативец, а сегашен стратег.