Клубот на Балотели испадна од лигата - Италијанецот на удар поради пијанство, тепачка...

Швајцарскиот клуб Сион го доживеа најлошото сценарио во последното коло од шампионатот, а проблематичниот Италијанец Марио Балотели е еден од „најзаслужните“ за овој неуспех. Тимот заврши на последното, десетто место, во домашното првенство и се сели во понизок ранг, а за таквиот епилог клубот меѓу другото се обвинува и најголемата ѕвезда на тимот, Марио Балотели.

Спортскиот директор Барт Константини е тој кој упати низа критики за однесувањето на поранешниот италијански репрезентативец, чие однесување, очигледно, не е многу променето во сите овие години.

„Грешка беше што го ангажиравме Балотели и признавам дека имав тотално погрешна проценка за него“, изјави Константнин.

Со самото спомнување на можноста за доведување на Балотели, клубот беше во малку еуфорична состојба, додека Сион не сфати како е навистина да се работи со Италијанецот. Но, беше доцна...

„Неговото доаѓање ни донесе ентузијазам во клубот, тоа беше „летна сапуница“. Требаше да постигне дваесет гола и да ни помогне да одиме чекор понатаму во првенството. За жал, постигна само пет и не покажа што очекувавме од него“, разочарано изјави спортскиот директор на Сион.

И не се само партиите на теренот кои доведоа до незадоволство кај луѓето во Сион. Тамошните медиуми пренесуваат дека Балотели бил проблематичен и кога не ја бркал топката.

„Наводно, сè започнало уште во декември за време на подготовките во Марбеља кога Италијанецот ги охрабрил соиграчите сите да носат жени во хотелските соби. Исто така, во истиот текст во дневниот весник „Блик“ се наведува дека Балотели во повеќе наврати бил пијан во тој период на подготовките“, стои во натписот на весникот.

Истиот весник наведува дека Балотели носел маска за време на локалниот карневал, но бил препознаен на улица, при што дошло до тепачка, а наводно контроверзниот напаѓач по грешка го удрил спортскиот директор на клуб, Константнини.