Клуб од Премиер лигата се распрашува за Бојан Миовски

Одличните настапи на македонскиот репрезентативец Бојан Миовски не останаа незабележани од клубовите од најсилните национални првенства во Европа. Напаѓачот на Абердин игра одлично во првите три месеци по преминот од Унгарија во Британија и веќе е еден од најдобрите стрелци во шкотскиот шампионат.

Со оглед на тоа што Премиер лигата на Шкотска со внимание се следи во Англија, неофицијално дознаваме дека еден премиерлигаш веќе изразил интерес да го доведе штипјанецот во своите редови. Не е познат клубот, деталите, евентуална понуда и слично, но локалните медиуми во Абердин веќе пишуваат за таква можност, многу поверојатно следното лето, отколку оваа зима.

23-годишниот Миовски сезонава постигна десет гола на четиринаесет натпревари од шампионатот и еден погодок на три натпревари од Лига Купот. 

Во овој момент во Англија настапува само еден македонски репрезентативец, напаѓачот Дарко Чурлинов во Барнли, член на Чемпионшип.