Клуб од Андора испиша историја, само уште две држави никогаш немале претставници во Европа!  

Фудбалот во Андора испиша нова страница во својата клупска историја. Интер Ескалдес обезбеди пласман во лигашката фаза на Конференциската лига, со што клубот го оствари најголемиот успех во историјата на андорскиот клупски фудбал.

Андорскиот шампион ја елиминираше Дрита од Косово во драматичен двомеч. Првиот натпревар во Приштина заврши 2-2, додека во реваншот немаше голови ниту по дополнителните 30 минути. Пласманот во следната фаза се решаваше преку пенали, а таму Интер Ескалдес беше посигурен и славеше со 4-2, за историска радост и место меѓу екипите во лигашката фаза на третото по ранг европско натпреварување. Со овој резултат, Андора повеќе не е меѓу земјите кои никогаш немале клуб во групната, односно лигашката фаза на европските натпреварувања.

Интересно е што пред само една сезона истиот чекор го направи Малта, преку Хамрун Спартанс. Така, по историскиот успех на Интер Ескалдес, од 55-те членки на УЕФА останаа само Црна Гора и Сан Марино без клуб кој стигнал до главната фаза на едно од европските натпреварувања.

А европската сезона за црногорските клубови е вистински кошмар. Сутјеска, Морнар, Дечиќ и Петровац заедно одиграа десет европски натпревари и претрпеа десет порази.