Клуб Бриж единствено изненадување, веќе се познати пет осминафиналисти во ЛШ

Забрзаниот ритам на групната фаза во Лигата на шампионите поради Мундијалот во Катар доведе до тоа уште пред средината на октомври да има сигурни патници во осминафиналната фаза. Досега се одиграа четири рунди на елитното натпреварување, а познати се пет патници во нокаут рундата.

Први низ целта во вторникот минаа европскиот првак Реал Мадрид со ремито кај Шахтјор, како и Манчестер Сити со ремито во Данска. Во текот на вчерашниот ден им се приклучија уште Наполи на Ељиф Елмас со триумфот над Ајакс (4-2), Баерн Минхен кој со идентичен резултат слави во Плзен, а Клуб Бриж со реми кај Атлетико Мадрид се погрижи да го комплетира сензационалниот старт на сезоната. Токму Белгијците се единственото изненадување, бидејќи ретко кој им даваше шанса за ваков расплет во групата. 

Македонија со сигурност ќе има еден претставник во осминафиналето, Ељиф Елмас со Наполи. Математички шанси за пласман во нокаут фазата има и Динамо Загреб каде што играат Стефан Ристовски и Аријан Адеми. Сепак, „модрите“ во завршните две рунди играат со Милан и Челзи, а на табелата котираат најлошо. 

Следното петто коло ќе се игра на 25/26 октомври, додека на 1/2 ноември се очекува разврската во сите осум групи.