Клоп со урнебесна исповед: Знаете ли како ја прославив титулата со Дортмунд?

Јирген Клоп, стратегот на Ливерпул, во интервју откри урнебесна приказна, поврзана со неговиот поранешен клуб Борусија Дортмунд и освоената титула во 2011 година.

„Милионерите“ тогаш завршија како лидери, со осум бода повеќе од Баер Леверкузен. Клоп имаше перфектна сезона од соништата, а истата ја прославил бурно, со многу алкохол.

„Бев многу пијан, тоа можеше да се забележи и во некои од моите изјави. Не се сеќавам на многу. Не знам дали сум ја кажал досега оваа приказна на некого, но утрото по целата церемонија околу титулата во Бундеслигата јас се разбудив во камион во гаражата. Сам. Не се сеќавам  и не знам како воопшто дојдов таму. Ниту што се случувало претходно. Знам дека кога ја напуштив гаражата, го видов Аки Вацке, директор во Дортмунд“, изјави Клоп.

Потоа, Клоп освои уште една титула со Борусија Дортмунд, во сезоната 2011/12.