Клоп: Резултатот е во ред, ама ВАР воопшто не е „кул“

Јирген Клоп, стратегот на Ливерпул, беше задоволен од ремито кај Манечестер Јунајтед (1-1), но имаше критики за ВАР-технологијата и смета дека погодокот на „ѓаволите“ морало да биде поништен поради прекршок во играта.

„Резултатот е добар. Не е она што го посакувавме, меѓутоа како што работите се развиваа на теренот, мора да се каже дека е добар. Дојдовме до бод, а долго губевме. Не ми се допаѓаше она што го видов во првиот дел. Му дозволивме на противникот да прави што сака, да биде агресивен, да добива дуели. Манчестер Јунајтед беше подобар од нас, се бранеше добро, а потоа ни дадоа гол кој ги покажа сите проблеми на ВАР-технологијата.

Господин Еткинсон дозволи да продолжи акцијата затоа што такво е правилото на ВАР, а ВАР покажа дека имаше контакт и имаше фаул. Меѓутоа, не можевме да ја промениме таа одлука, затоа што Јунајтед доста трчаше пред да даде гол. Тоа воопшто не е „кул“. На крајот, сепак, дадовме гол и освоивме бод“, изјави Клоп.

Ливерпул е лидер во Премиер лигата, а ремито кај Јунајтед беше прв дуел на кој „црвените“ не победија оваа сезона во англиската елита.