Клоп: Реал ги победи ПСЖ, Челзи и Сити, заслужува да биде во финалето

Клоп

Финалето во Лигата на шампионите оваа година го сочинуваат екипите на Реал Мадрид и Ливерпул. Тоа ќе биде реприза на натпреварот за титула од пред четири години кој им припадна на „кралевите“.

Премиерлигашот го елиминира Виљареал на патот до големото финале, а мадриѓани во инфаркт финиш успеаја да го добијат двомечот со Манчестер Сити. Краток коментар за лудата завршница на мечот на „Сантијаго Бернабеу“ даде Јирген Клоп.

„Беше чудно и жално за Сити, но она што го направи Реал Мадрид беше неверојатно. Успеа да ги елиминира ПСЖ, Челзи и Сити. Ако ги исфрлите тие три екипи, дефинитивно заслужувате да бидете во финалето. Ќе биде одличен натпревар.

Среќен сум што ќе играм во финалето и што имам шанса да ја освојам титулата. Но, пред тоа имаме неколку натпревари за играње, па би било убаво дотогаш да престанат прашањата за Реал Мадрид. Финалето ќе го работиме од 22 до 28 мај, не порано“, порача Германецот.

Париз ја доби можноста да биде домаќин наместо Санкт Петербург, кој извиси поради санкциите кон Русија од страна на Европската фудбалска унија (УЕФА).