Клоп пред Реал: Имаме три големи проблеми, но никако нема да се предадеме

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп детектира три проблеми во своите редови пред реваншот во четвртфиналето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид.

Пред една седмица англискиот шампион со 3-1 загуби во Мадрид и сега пред себе ќе има тешка задача доколку сака да остане во трката за трофејот во европската елита. Но, ако некој може да ја надополни негатива од два гола, против коj било ривал, тогаш тоа е тимот кој во нападот ги има Мане, Салах, Фирмино и Жота.

„Кога ќе го загубите првиот натпревар со 3-1, тогаш се чини дека веќе сте елиминирани. Но, ние дефинитивно ќе се обидеме да се пласираме во полуфиналето. Тоа е работа со која се занимаваме. Ќе се обидеме да го сториме тоа. Тие беа подобри од нас на првиот натпревар, но сè уште ништо не е готово. Имаме три проблеми - негативен резултат, тежок противник и недостаток на публика“, вели Клоп.

По поразот во Мадрид, Клоп беше критикуван за тоа како го подготвил тој натпревар, сметајќи дека токму тој е најголемиот виновник за лесната победа на „кралевите“.