Клоп повторно лут: Ова што ни го правите е злосторство!

Екипата на Ливерпул синоќа го запиша првиот пораз во новата сезона на Лигата на шампионите, откако со комбиниран состав беше поразен на свој терен од италијанска Аталанта.

Менаџерот на англискиот шампион, Јирген Клоп, по дуелот на „Енфилд Роуд“ повторно го искажа своето незадоволство поради густиот распоред, затоа што веќе в сабота напладне го чека нова борба во Премиер лигата. 

„Одигравме добро, имавме шанси да реализираме, но не успеавме. Затоа сметам дека Аталанта заслужено нè победи. Но, она што ме загрижува е распоредот. Нè принудувате следниот натпревар против Брајтон на гости да го играме в сабота во 12:30 часот. Тоа е злосторство. Да, злосторство. Нема никаква врска со вечерашниот натпревар и нашиот пораз, но честитки за оној што ја донесе таа одлука.

Во овој момент, посакувам само да немаме нови повреди. Моите играчи се целосно разочарани, фрустрирани. Штом завршат еден натпревар, почнуваат да се подготвуваат за друг...“, вели Германецот.

Овие зборови на Клоп се еден вид надоврзаување на она што го кажа по натпреварот против Лестер Сити во Премиер лигата, кога рече дека ќе биде вистинско изненадување доколку до крајот на сезоната на располагање има единаесет здрави играчи.