Клоп: Покажавме карактер и борба, не видов тим кој тукушто станал шампион

Ливерпул веќе ја освои титулата во Премиер лигата, но вчера доби „шлаканица“ од Манчестер Сити и загуби на „Итихад“ со огромни 4-0. Сепак, и покрај поразот, менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп смета дека неговата екипа покажала добар карактер и игра на теренот, но на крајот загубиле. 

„Видов одличен карактер и борба. Не се однесувавме како некој што станал шампион пред една недела. Ни недостигаше флуидност и во некои ситуации тие беа побрзи. Ги искористија шансите, а ние не. Сити заслужи да победи, но можеше да биде и 5-3, сепак заврши 4-0 и мора да го прифатиме поразот. 

Сити е одлична екипа, ги следам натпреварите и досега немаат одиграно лош натпревар. Дури и кога губат, играат неверојатно. Ние имавме шанси, правевме добри ситуации, но не успеавме да ги искористиме“, изјави Клоп. 

Средбата во Манчестер беше практично решена уште во првото полувреме, кога Де Брујне, Стерлинг и Фоден стрелаа за предност, за автоголот на Окслејд Чемберлејн само да го потврди триумфот. 

До крајот на сезоната во Англија останаа уште шест кола, Ливерпул е шампион и за нив сезоната е речиси завршена, а Сити е на добар пат да ја обезбеди втората позиција, бидејќи има единаесет бодови предност пред Лестер.