Клоп: Откако сум тука, ова е една од најголемите вечери во ЛШ на „Енфилд“

Јирген Клоп пред две сезони ја освои Лигата на шампионите со Ливерпул, а претходно играше и во финалето, но според него синоќешниот меч со Ајакс бил нешто посебно.

Англискиот шампион не остави ништо на случајност и со минималната победа на празниот „Енфилд роуд“ над Ајакс го обезбеди првото место во групата Д од Лигата на шампионите, а со тоа и пласман во осминафиналето во елитата.

„Искрено, откако сум во Ливерпул, ми се чини дека ова е една од најголемите вечери во Лигата на шампионите на„ Енфилд“. Без поддршка од нашите навивачи, беше најважно, најтешко и најсложено. Со оглед на сите околности, беше навистина незгодно, но момците стиснаа заби и играа машки. Робо (Робертсон) издржа со модринка на глуждот, Хендо (Хендерсон) со болен грб, Џини (Вајналдум) – за него навистина немам зборови. А Куртис Џонс? Мончето е неверојатно, како играше, јас сум навистина горд“, рече Клоп.

Токму младиот Куртис Џонс ја донесе победата на „црвените“, а солиден настап имаше и ирскиот голман Келехер, кој доби шанса пред искусниот Адријан, откако првиот голман Алисон повторно се повреди.