• Саше Љолес

Јирген Клоп има многу причини за задоволство периодов. Неговиот Ливерпул по подолго време е лидер во Премиер лигата, а тимот изгледа навистина моќно и делува дека е во одлична форма.
Англиските медиуми зборуваа со германскиот стратег и го прашаа околу евентуалните засилувања во јануарскиот преоден рок, на што Клоп одговори дека е задоволен и со постоечкиот играчки кадар. Особено беше интересна темата за одбраната на „црвените“, а тренерот смета дека нема потреба ништо да менува во овој сегмент.
„Веќе осум години ме прашувате за истите работи. Зборувате за трансферите како да се најлесна работа на светот. Јануарскиот преоден рок е жесток и суров, скоро и да не постојат играчи кои се евтини, а во исто време тешко е да пронајдете соодветно пополнување за позицијата која ја сметате за дефицитарна.
Добрите играчи чинат многу пари, прво за трансфер, а потоа и за плата. Немаме бесконечен буџет и гледаме да се задоволиме со тоа што го имаме. Дефанзивата е цврста, мислам дека немаме големи проблеми.
Медиумите сакаат уште еден стопер, навивачите исто, но кажете ми кој нормален клуб би продал добар стопер во јануари? Никој не е будала да го стори тоа. Јас исто така никогаш не би се согласил да продадам важен играч од одбраната, особено не во јануари“, изјави Клоп.
Ливерпул се искачи на врвот во Премиер лигата после победата над Кристал Палас. „Црвените“ се во одлична форма и моментално имаат 37 бодови, еден повеќе од второпласираниот Арсенал.