• Саше Љолес

Јирген Клоп заминува од Ливерпул и планира едногодишен одмор од фудбалските обврски. Германскиот стратег зборуваше на прес-конференцијата пред последниот првенствен натпревар во Премиер лигата, каде доби прашање дали ќе присуствува на финалниот натпревар од Лигата на шампионите.
Неговиот поранешен клуб, Борусија Дортмунд, ќе се соочи со големиот Реал Мадрид, а Клоп изјави дека ќе присуствува на финалето и ќе навива за „милионерите“.
„Добив покана за финалето во Лигата на шампионите. Секако дека ќе одам и ќе ја дадам мојата поддршка за Борусија. Тој ден ќе бидам слободен, па затоа не гледам причина зошто не би отишол.
Се надевам дека мечот ќе биде спектакуларен и дека ќе гледаме возбудлив фудбал. Никогаш не сум барал дополнителни влезници, но мислам дека првпат ќе го сторам тоа сега, зашто сакам со мене да го земам и моето семејство“, изјави Клоп.
Финалето помеѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд ќе се одигра на први јуни. „Кралевите“ ќе ја „нападнат“ петнаесеттата титула во историјата, додека германскиот гигант ќе се обиде да стигне до својот втор трофеј во елитното натпреварување на УЕФА.