Клоп: Не смееме да тагуваме за Мане, треба да бидеме среќни што сме го имале

Клоп Мане

Садио Мане шест години беше дел од Ливерпул. На „Енфилд“ пристигна од Саутемптон и стана клучна алка во успесите на тимот предводен од Јирген Клоп.

Сенегалецот од ова лето е член на Баерн Минхен. Потпиша тригодишен договор, а неговиот поранешен тренер со пофални зборови го испрати во новата фудбалска авантура во Бундеслигата.

„Тој заминува со нашата благодарност и љубов. Заминува со загарантиран статус меѓу најголемите. И да, тој заминува во време кога е еден од најдобрите играчи во светот. Но, не смееме да тагуваме за тоа што го губиме, мораме да го славиме она што сме биле привилегирани да го имаме. Головите што ги постигна, трофеите што ги освои со нас. Тој е секако легенда, но и икона на модерното време на Ливерпул.

Јас ја почитувам неговата одлука, а сигурен сум дека и нашите навивачи. Ако го сакате Ливерпул, мора да го сакате Садио, нема дебата за тоа. Ние само му посакуваме успех на секој натпревар што ќе го игра. Се разбира, освен ако не игра против нас. Тој ќе продолжи да блеска, не се сомневам“, изјави Клоп.

Мане постигна 120 гола на 269 натпревари во црвениот дрес на Ливерпул.