Клоп: Луѓето ќе зборуваат сѐ и сешто, ние не сакавме да сме втори!

Екипата на Ливерпул не успеа да дојде до посакуваната титула во Премиер лигата, затоа што лидерот Манчестер Сити победи и во последното коло кај Брајтон и со еден бод повеќе завршува на лидерското место на табелата во Премиер лигата.

Тренерот Јирген Клоп по крајот на последното коло го даде првиот коментар и истакна дека Ливерпул направил сѐ што е во негова моќ, завршил со само еден пораз, а истовремено Манчестер Сити имал и среќа на одредени натпревари.

„Честитки до Манчестер Сити, тие имаа фантастична сезона. Освоија 198 поени во последните две години. Не е лошо, ја имаат мојата почит. Луѓето веројатно ќе зборуваат се и сешто, како сме можеле да го направиме ова или она, но не е така. Мислам дека не можевме да направиме ништо повеќе. Сити имаше среќа, па ние имавме среќа, а кога имате таков тим за ривал за тронот, тогаш многу е тешко да се направи било што во финишот. Не сакавме да сме втори, но ова е само чекор напред за оваа екипа. Овој тим е во најдобрите години, допрва ќе се развива“, изјави Клоп.

Ливерпул ја заврши сезоната со 97 бода, еден помалку од Манчестер Сити.