Клатенбург: По поразот од Јунајтед, Оби Микел сакаше да ме претепа

Марк Клатенбург беше судија „на цена“ во Премиер лигата, делејќи ја правдата во англиската елита од 2004 до 2017 година. Неговата арбитража беше ставена под знак прашалник во едно дерби меѓу Челзи и Манчестер Јунајтед, кое на „Стемфорд Бриџ“ заврши со гостинско славје од 2-3. Клатенбург ги налути фановите и играчите на Челзи, а арбитрот реши да зборува за случка по натпреварот. 

„Знаев дека ќе биде тешко, навивачите на Челзи ме имаа на пик. Не се оптеретував со тоа премногу, но тогаш доживеав страшни работи. Кога по натпреварот одев кон соблекувалната, слушнав врева пред мене. Имаше пцовки и навреди, а кога излегов Џон Оби Микел ме нападна. Тој викаше дека ќе ми ги скрши нозете, замавнуваше и се обиде да ме удри. Сепак, ме спасија редарите. Не беше лесно, Микел беше страшно силен“, изјави судијата.

Во медиумите се пишуваше дека искусниот арбитар расистички го навредил Оби Микел, па Клатенбург зборуваше и за тоа. 

„Пишуваше дека сум го нарекол Микел мајмун. Тоа беше одвратно да се види. Дојдов дома, се заклучив и се изолирав. По сè ова добив неочекуван пријател, ме повика Сер Алекс Фергусон и подоцна ме бранеше во јавноста“, заврши арбитрот. 

Овој познат судија е во процес на издавање на своја книга, која ќе биде под името „Свирче“.