• Горан Упале
Екипата на Струга Трим Љум се засили меѓу стативите и потпиша договор со голманот Ведран Ќосевски.
29-годишниот чувар на мрежата беше стандарден меѓу стативите на македонскиот шампион, но откако Струга го донесе Филип Дујмовиќ од БиХ, следеше разделба на двете страни. По потписот Ќосевски не го криеше задоволството што одново ќе го носи дресот на Струга.
„Се вратив во Струга, во ова семејство и се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата. Драго ми е што повторно ќе бидеме заедно уште три години. Всушност, кога повторно добив повик бев многу среќен, бидејќи овој клуб го чувствувам како дел од семејството, а пред сè имам голема почит кон луѓето кои го водат овој клуб.
Тука ги поминав најдобрите моменти во кариерата, без сомнение. Токму оваа вистинска љубов кон Струга Трим Љум ме натера да ја прифатам нивната покана без премногу размислување, како знак на почит кон раководството на клубот. Верувам дека заедно ќе испишеме историја и дека ќе донесеме уште трофеи во Струга“, рече искусниот голман.
Постоеше можност Ќосевски да се врати во екипата на Железничар од БиХ, каде настапуваше претходно, но ја прифати понудата на Струга Трим Љум и одново ќе застане меѓу стативите на македонскиот шампион.