• Горан Упале
Екипата на Шкендија за првпат во клупската историја ќе игра есенски натпревари во Европа. Македонскиот шампион, благодарение на успешните настапи во квалификациите во Лигата на шампионите, обезбеди учество во лигашкиот дел од Конференциската лига, а денес ги дозна шесте ривали против кои ќе брка нова историја.
Противници на тетовскиот клуб се Слован Братислава, Рајо Ваљекано, Јагјелонија, Дрита, Шелбурн и АЕК Ларнака.
Првите осум екипи од лигашката фаза ќе обезбедат директен пласман во осминафинале, додека екипите рангирани од 9. до 24. место ќе играат плеј-оф за осминафинале. Се поставува прашањето дали македонскиот тим има квалитет да ги собере потребните бодови за пласман во елиминационата фаза.
Ривалите од првиот, вториот и третиот шешир, секако дека ќе бидат фаворити на натпреварите против Шкендија, но момците на Јетон Беќири реално може да се надеваат на победи против тимовите од четвртиот, петтиот и шестиот шешир. Според проекциите, за пласман во елиминационата фаза потребни се најмалку шест до седум бода (но со солидна гол разлика), што секако дека не е недостижно за тетовчани.
Дали тоа ќе се случи, останува да видеме на натпреварите кои започнуваат од крајот на септември.


