Ќе пукне уште една „бомба“ во Сплит: Ракитиќ пред потпис со Хајдук!

Иван Ракитиќ многу веројатно кариерата ќе ја продолжи во Хајдук, објави Фабрицио Романо, а пренесоа сите хрватски медиуми. Наводно зделката е договорена и претстои само официјализација. Легендарниот хрватски играч за врска би требало да потпише двегодишен договор со сплитскиот клуб. Клучни улоги во доаѓањето на Ракитиќ на „Пољуд“ имале тренерот Џенаро Гатузо, спортскиот директор Никола Калиниќ и Иван Перишиќ.

Ракитиќ во Ал-Шабаб заработуваше 15 милиони евра по сезона, а договорот му траеше до крајот на јуни 2025 година. Сепак, тој реши предвреме да ја заврши авантурата во Саудиска Арабија, по само осум натпревари. Во Хајдук, секако, ќе мора да се согласи на значително пониски финансиски услови.

Ракитиќ во својата голема кариера настапуваше за Базел, Шалке 04, Барселона и Севиља, каде е клупска легенда. Тој собра 106 настапи и 15 гола за хрватската репрезентација и со неа освои сребро на Светското првенство во 2018 година. Сепак, никогаш не играше хрватскиот шампионат, со оглед на тоа дека е роден во Мелин, Швајцарија.