Ќе падне ли некогаш клетвата на Бела Гутман врз Бенфика?

Секој кој е или бил спортист, кој се дружел со оваа категорија на луѓе, знае дека суеверноста е составен дел од нивното секојдневние, од нивните кариери. Од наједноставни, до најбизарни детали се случуваат во врвниот спорт како обид да се предизвика среќата или барем да не се испровоцира несреќата. Фудбалерите подеднакво како спортистите од инвидуалните спортови имаат свој ритуал. Најчести се броевите на дресовите, облекувањето на опремата дел по дел, излегувањето на тревникот со десна нога, редовното прекрстување, кинењето на парче трева. Еден мал милион детали. Ако Галијани не ја носи жолтата вратоврска, а Милан загуби, знаете кој и што ќе бидат виновни за поразот. Или времешниот Трапатони ако го заборави шишенцето со света вода, не може да се концентрира на водењето на екипата. Сигурно читавте дека Ливерпул станува европски првак, во годината кога умира папата. И уште многу, многу примери, за кои знам дека повеќето од нас нема да поверуваат дека тоа се судбоносните детали за исходот. Или кога говориме за проколнувањето на Интер што толку долго чекаше на трофеи. На Интер на Морати му требаа преку 20 години откако го презеде клубот да освои скудето, а Ливерпул уште нема титула откако е формирана Премиер Лигата. Слабо планирале, лошо играле или се проколнати? Бабини деветини, ќе кажете. Но, ако има приказна да верувате врз клетва, тоа е оваа. Знаете ли каков клуб е Бенфика? Митски клуб, клуб со историја, неверојатен третман во латинскиот свет, многу харизматичен. Впрочем, кога еден клуб има преку 160.000 „сосиос“ нема повеќе што да се дискутира. Повеќе од Барса, од Реал, од Манчестер, од Билбао. И не е само култот. Тука се и титулите. Тука е една од првите повоени сили кои му застанаа на патот на Реал Мадрид на Дон Алфредо ди Стефано. Тоа е токму оваа Бенфика. Клубот кој секогаш домашните мечеви ги почнува со кругот на симболот на клубот, орелот, околу стадионот на светлоста „Да Луж“. Клубот е формиран пред 116 години и во сите категории е најтрофеен португалски клуб.

Во својата втора сезона во Купот на шампионите во сезоната 1960/61 година, Бенфика во потрага по првата европска титула ја водеше познатиот унгарски тренер Бела Гутман. Како фудбалер не се прослави. Играше во татковината и во Австрија. Но, како тренер, беше гениј. Нешто како модерните тренери: Капело, Сер Алекс, Мурињо... Пред војната тренерскиот занает го коваше низ целиот континент, дури и во Јужна Америка. Виена, Ујпежт, Вашаш, Клонакул од Букурешт, Кишпешт, италијанските Падова, Милан, Виченца и Триестина, аргентинскиот Килмеш, па Хонвед, бразилскиот Сао Паоло и една сезона во Порто. Прав глобтротер. Минати големите воени и повоени фудбалски центри и тренерлукот и во тоа време беше надграден. На голема врата доаѓа во Бенфика во 1959 година на 60-годишна возраст. И со препорака, титула со Порто. Веднаш станува национален првак. И со одлична генерација главно од Португалци и Бразилци кои веднаш добија португалски пасош, ја напаѓа европската круна. Лесно, без мака Бенфика стигнува до полуфиналето со австриски Рапид, таа сезона 1960/61 и слави со 3-0 на „Да Луж“ што беше доволно за првото евро-финале. 

Прво, па машко за Гутман. Во Берн каде се играше финалето, сите го очекуваа Реал Мадрид, но дојде „унгарската сила“ на Барселона предводена од Кубала, Кочиш и Чибор, Бразилецот Еваристо и „Златната топка“ за таа година Луис Суарез. Агуаш и Колуна го потпишаа првиот голем успех на португалскиот фудбал во Европа. Претходно Бенфика го освои латинскиот Куп со победата во финалето против Бордо (3-3, 5-4 по продолжение), но Купот на шампионите беше нешто сосема друго. Гутман ја вгради својата филозифија и во историјата стана првиот европски првак кој не се вика Реал Мадрид. Дури и не инсистираше на многу засилувања. Обожаваше да работи со тоа што го има. И постојано, од сезона во сезона беше подобар. Наредната година го оствари најтешкото - ја потврди титулата. А „волци“ кои ја сакаа имаше многу повеќе од претходната сезона. Таа 1961/62 година Бенфика го доби фотофинишот на португалската лига со четири бода предност пред Спортинг. Најзаслужен за потврдата на вредностите беше единствениот новајлија на кого Гутман инсистираше, бисерот од Африка Еузебио да Силва Фереира. Роден во Мозамбик, дојде на препорака на Хозе Бауер, кој беше играч на Гутман во Сао Паоло и кој го забележал Еузебио на турнир на неговиот клуб. Легендата говори дека договорот за Еузебио бил направен во берберница. Со 19-годишното изненадување Бенфика јуришаше кон потврда на квалитетот од Берн. Лесно со Австрија Виена и Нирнберг, Бенфика стигна во големата четворка, каде ја чекаше Тотенхем. Благодарние на вториот бисер од Мозамбик, Марио Колуна со севкупни 3-2 е обезбедено финалето на „Олимпискиот стадион“ во Амстердам. И тоа беше финале на единствените освојувачи на европската круна, Бенфика и Реал Мадрид. Кавем, Касадо и Еузебио го свртеа резултатот и по 0-1, 1-2 и 2-3, Бенфика го доби финалето против Ди Стефано, Пушкаш кој блескаше таа вечер, и останатите со 5-3. Европа имаше нов владател и нов чудотворец - Бела Гутман. Сите зборуваа за Унгарецот. Имаше мудар израз, малку коса, многу памет, најчесто носеше капа, импулсивен, веројатно од италијанското искуство. Едноставно перфектен микс за една екипа полна со талент и глад. Гутман стана би-кампеон. И на никој не му беше грижа што наредната година Спротинг беше првак, а Бенфика само трета. Гутман имаше кредит колку што сака. 

Но, имаше и струи против него. Па Бенфика е голема институција, од сите страни некоја нова идеа, некој нов лик. А во времето на мед и млеко, на Гутман му се должеа многу пари. И плус премиите за европските круни. Унгарецот исфорсира преговори за нов договор, на кој виде дека не го ценат направеното. Веднаш експлодираше и како непоразен европски првак, во рајот на кариерата, ги остави успесите зад себе и замина во Уругвај да го води исто така митскиот Пењарол. Но, пред да замине, според сведоштвата, силно ја удрил вратата на претседателот и ја изрекол клетвата на столетието. „Без мене никогаш повеќе нема да победите европско финале“. Некои тврдат дека Бела рекол „Сто години ништо да не освоите“. Но, тоа во тој момент никој не го сфатил сериозно. Унгарецот заминал за Јужна Америка, а насловните страници сега ги полнеше „црниот пантер“ Еузебио. Една од ретките звезди на континентот во тој момент кој не играше во Шпанија, во Реал или Барса. Наредното лето чилеанскиот тренер Фернандо Риера прелесно стигна до финалето на „Вембли“. Без пораз, со егзибиции на Еузебио против Норчепинг, Дукла и Феенорд „црвените“ дојдоа на Островот како фаворити против Милан на Нерео Роко. Иако Еузебио отвори по само 18 минути, Џани Ривера „режираше“ а Бразилец Жозе Алтафини со два гола ја донесе првата европска круна за Италијанците и ја прекина хегемонијата на Бенфика. За клетвата на Гутман никој не зборуваше. Лош ден, лоша среќа, премногу талент кај „росонерите“, беа најчестите изговори. Тимот на Риера наредната година доживеа бродолом во Дортмунд (5-0) и по три години не играше финале. Но, во летото 1964 година се врати на завршниот натпревар и тоа на „Сан Сиро“ во Милано. Го прегазија Реал Мадрид со 5-1 во Лисабон, го елиминираа и Вашаш и дојде ред за одмазда врз Италијанците. Но, на спротивната страна не беше Милан на Роко, туку Интер на Анџело Морати и Хеленио Херера. А противник не беше тоа што Интер играше дома, на ридчето на излезот од Милано, туку дождот кој како од кабел лиеше таа вечер. Повредата на голманот Карлос Переира, го принуди бекот Германо да застане на голот (во тоа време немаше замени) и цело второ полувреме Бенфика играше со десет фудбалери. Жаир пред одморот по вторпат ја порази Бенфика во финалните мечеви. И пак кобни беа Италијанците од Ломбрадија или можеби клетвата на еден унгарец роден во Будимпешта, во Австро-Унгарија. 

Од клубот со кој се гордееше цела Португалија, но сега со нова управа, знаеја дека мораа да го молат Гутман да се врати, да го добие своето и да ја тргне клетвата. По Уругвај и Австрија, Бела Гутман се врати во Бенфика, но не наиде на истите фаци. Барем не на тие на кои им ја фрли клетвата. Тука беа Еузебио, Колуна, но тие не му беа виновни и пред четири-пет години. Враќањето на местото на настанот, не донесе ништо добро. Генерацијата старееше, дојде до сомнеж во квалитетите на некои асови. На мала врата Гутман замина во Сервет, но од клетвата ниту збор, ниту прошка. Во мај 1967 година Бенфика доаѓа во своето петто европско финале. Повеќе имаа само „кралевите“ од Мадрид. А Бенфика ја имаше и „Златната топка„ од 1965 година - Еузебио. Враќање на „Вембли“ и како со Интер, пак на теренот на противникот. Не беше на „Олд Трафорд“, но „бебињата“ на Безби од Манчестер во Лондон беа како дома. Чарлтон и Грака беа стрелци на конечните 1-1, за првото продолжение на едно евро-финале. Бест, Брајан Кид и легендарниот Боби Чарлтон пред 92.225 гледачи по третпат ја урнаа Бенфика. Сега веќе тимот со кој се гордееше континентот, стана губитник. Ерата на пет финалиња во осум години, на две европски круни на Бенфика на Еузебио и Гутман заврши. Ниту дома Бенфика веќе не доминираше. На Гутман сите заборавија. Дури и навивачите, и „сосиосите“. 

На 28 август 1981 година во својата 82 година Гутман почина. После Сервет, ги водеше и Панатинаикос, Австрија Виена и Порто - последен пат во 1972 година. На погребот во Виена беа Еузебио и Колуна. Знаеја дека без Гутман, можеби никој никогаш немаше да слушне за нив. „Црниот пантер“ стана почесен претседател на Бенфика и чекаше и чекаше нова шанса, нова генерација, ново финале. Две години по смртта на Гутман, дојде ново финале. Сега во Купот на УЕФА и тоа во двомеч. Противник беше белгискиот Андерлехт, а првиот натпревар на познатиот „Хејсел“.  Бенфика имаше надежен тим, воден од Свен Горан Ериксен. Десет Португалци и Зоран Филиповиќ загубија на гости со 1-0 со голот на Брил во 29. минута. 80.000 луѓе на „Да Луж“ не ги исплашија Перузовиќ, Веркаутерен, Мортен Олсен. На голот на Шеу во 32. минута, реплицираше Шпанецот Хуан Лозано и титулата од најмасовниот Куп замина за Белгија. Веќе алармантни станаа четири евро-порази по клетвата на Гутман. 

Пет години подоцна Европа виде нов бран на португалската фудбалска магија. Порто со Маџер само што блеснал до првата круна, Бенфика брзо направи супер-тим. Екипата која ја селектираше тренерот Тони ги имаше Бразилците Карлос Мозер, Елзо, Чикињо Карлос и Швеѓанецот Маркусен. И уште четири-пет стартери од финалето со Андерлехт. На „Некер“ во Штутгарт, како и ПСВ Ајндховен на Гус Хидинк, Бенфика стигна изненадувачки, но заслужено. Реваншот врз Андерлехт беше извршен во четвртфиналето, а Стеауа падна на претпоследната пречка. А последната беа Ван Брукелен, Куман, Герец, Вим Кифт. Во едно од најздодевните финалиња, за првпат немаше голови во натпревар за европската круна. Ни по 120 минути. Велосо беше единствен кој промаши пенал од 12 изведувачи и ПСВ Ајднховен беше во кожата на Милан, Интер, Манчестер, Андерлехт. Пет врзани порази и нова табу-тема за „орлите“ - како да се победи во финале? 

Но, животот секогаш нуди нова шанса. Па поразот по пенал рулет, колку и да беше болен, по тоа лошо одиграно финале брзо и се заборави. Дојде шестото финале без Бела Гутман. И тоа во градот каде што беше неговото вечно почивалиште. Во Виена, на митскиот „Пратер“, во годината кога стадионот го доби името по Ернст Хапел. Пред тоа финале Еузебио однесе цвеќе на гробот на Гутман да му оддаде почит и да побара прошка, да се тргне клетвата пред ова големо финале. Едно од првите со Лигата на шампионите после групна фаза. Тајфунот кој доаѓаше од Италија имаше холандска фантазија. Милан на Саки, со цела италијански репрезентација и триото од Холандија. Но, и Бенфика имаше свои адути. Откако го елиминира Олимпик Марсеј на Бернард Тапи и на Милан му го спречи задоволството за одмазда врз Французите за минхенскиот пораз, следеше изедначено финале. Шведскиот учител Свен Горан Ериксен во две години ја реконструираше екипата на Тони од финалето во Штутгарт. Валдо, Рикардо Гомеш и Алдаир беа новите Бразилци. Дојде и Јонас Терн, одличен беше Пачеко. Но Милан беше пресилен. Во 68. минута Рајкард го постигна единствениот гол и како во шеесеттите Бенфика, сега Милан создаде хегемонија. А „црвените“ загубија и шесто финале. Единствениот трофеј кој го подигна подалеку од Португалија од 1962 година до денес, за Бенфика е Ибериа Купот во 1983 година. Во полуофицијалниот турнир на прваците на Португалија и Шпанија, совладан беше Атлетик Билбао со 3-1 и 1-2. Дури и во домашната лига Бенфика не можеше прва да ја мине целта. По заминувањето на Ериксон, минаа скоро десет години, пред со Трапатони, Бенфика да ја освои португалската лига. 

Доаѓањето на Жорж Жесус на клупата од Брага во 2009 година ја врати старата слава на двократниот првак. Но во 2011 година, полуфиналниот пораз од Брага на Домингеш Пасиенсија во Лига Европа, го спречи португалското финале во Даблин со Порто на Андре Виљаш Боаш. Домашната титула која ја освои Жесус не им беше доволна на преку 162.000 „сосиос“. Сите бараа нешто повеќе. Бараа евро-финале како во шеесеттите. И есента 2012 година ништо не мирисаше на добро. Елиминацијата од Лигата на шампионите за сметка на Селтик, беше тежок удар за Жесус. Можеше да се извади само во Лига Европа каде стигна до полуфинале две години претходно и падна пред Ливерпул. Баер Леверкузен, Бордо, Њукасл и Фенербахче, полесно или потешко беа минати до уште едно финале во Амстердам. Истиот тој Амстердам каде Бела Гутман го декласира Реал Мадрид за втората и уште последна европска круна на Бенфика. Тогаш беше „Олимпискиот стадион“, сега е новата „Арена Јохан Кројф“ во Амстердам. Тогаш беше Куп на шампиони, сега е Лига Европа. Тогаш беше дрим-тимот на Ди Стефано, Хенто, Пушкаш сега е европскиот првак Челзи со Тери, Лампард, Хазард, Мата. Седмо финале во ерата пост Бела Гутман. „Сините“ на Бенитез среќно стигнаа до победа од 2-1 со гол на Бранислав Ивановиќ во надополнувањето. Бенфика веќе беше обележан губитник. Никој не веруваше повеќе дека екипата која е култ на континентот може да влезе во полувековно европско црнило. 

Следната 2014 година Бенфика пак се избори за финале на Лига Европа. Овој пат „црвените“ стигнаа до новиот стадион на Јуве во Торино и мегдан со Севиља. На патот до финалето екипата на Жесус го елиминира силниот Јуве на Конте со 2-1 во Лисабон и 0-0 под Алпите. Финалето беше здодевно, шансите скоро и да немаше, а иницијативата на Бенфика беше само пирова. По 0-0 по 120 минути, пенал рулетот решаваше. Кардозо и Родриго не реализираа најстрога казна, па Севиља на Унаи Емери се радуваше (4-2).  

Осум европски порази од клетвата на Гутман. Трае ли уште проклетсвото? Уште колку треба да плаќаат „орлите“ за отказот на Унгарецот и парите кои му ги должеа. Верувате ли сега во клетва во светот на спортот? Ќе се обложите ли на наредното финале на Бенфика? Прво помислете на Бела Гутман, па потоа погледнете ги составите на финалистите!

Зоран Мишевски