Ќе има ли циркуз пред Мундијалот: Италија добива шанса да игра за СП!?

На само два месеца пред почетокот на Светското првенство кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, неизвесноста околу настапот на Иран создава сериозен притисок врз ФИФА. Поради актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток, иранската репрезентација сè уште нема донесено конечна одлука дали ќе учествува на Мундијалот. Иако првично најавија повлекување, подоцна од федерацијата сигнализираа дека ќе настапат, но официјална потврда сè уште не е доставена до ФИФА. Крајниот рок за одлука е 13 мај, кога сите учесници треба да ги достават прелиминарните списоци со играчи. Доколку Иран се откаже, ФИФА ќе мора итно да најде замена, а веќе се разгледуваат неколку сценарија.

Според информации на „Атлетик“, најреална опција е дополнителен бараж турнир, кој би се одржал кон крајот на мај и почетокот на јуни во Лос Анџелес. Во него би учествувале шест селекции, тоа се Боливија, Јамајка, Обединети Арапски Емирати, Нигерија, Нова Каледонија, како и една европска репрезентација – Италија, како најдобро рангирана меѓу поразените во баражите. Во ова сценарио, Италија и Нигерија би се пласирале директно во полуфиналето, додека останатите селекции би играле четвртфинални дуели. Победникот на турнирот би го зазел местото на Иран во групата.

Постои и алтернативна опција за помал бараж со три репрезентации, во кој би учествувале Јамајка, Боливија и повторно Италија. Во тој случај, Јамајка и Боливија би играле полуфинале, а победникот би се соочил со Италија во финалето за последното место на турнирот.

ФИФА активно подготвува различни сценарија за да избегне организациски проблеми, но конечната одлука во голема мера ќе зависи од ставот на Иран во наредните недели.