Ќе „гори“ за опстанок во ВМФЛ: Џиновски победи за Тетекс и Саса, бод за Осогово! (ВИДЕО)

Битката за промоција во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) заврши. Беса и Пелистер се директно во ПМФЛ, Детонит Плачковица ќе игра бараж, но последното коло ќе донесе пеколна борба за опстанок.

Четири екипи ќе играат за второлигашки статус и во следната сезона. Тоа се екипите на Победа, Осогово, Тетекс и Саса, кои бодовно се близу, а најпосакувано е да се избегне петнаесеттото место кое води во понизок ранг. Четиринаесеттиот на табелата ќе игра бараж. Засега, испаднат официјално е само еден тим - Караорман, кој е 16-ти.

  • Пелистер - Победа 1-0:

Победа во пелагониското дерби доживеа пораз од екипата на Пелистер (0-1) на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, па на своето конто има 28 бода и се наоѓа на 12 место. Единствен стрелец на натпреварот за „зелените“ беше Ѓорѓи Танушев.

  • Арсими - Осогово 2-2:

Веднаш под неа е Осогово, кој се врати од два гола негатива и освои бод кај Арсими (2-2). Осогово има 27 бода и се наоѓа на 13-тото место. Арсими имаше позитива од два гола со погодоците на Цуцули и Рамадани, ама ремито за кочанчани го донесоа Дојчинов и Манов.

  • Тетекс - Охрид 2-1:

Исто така 27 бода има и екипата на Тетекс, која дома триумфира над ГФК Охрид со 2-1. „Штофарите“ така ја прекинаа низата од пет порази во ВМФЛ и се наоѓаат на местото кое води во баражот за опстанок. Амити и Станковски го израдуваа Тетово, утешниот гол за охриѓани беше дело на Крстески.

  • Караорман - Саса 0-3:

Важни три бода освои Саса, која триумфира со 0-3 на гости кај веќе испаднатиот Караорман. Тимот од Македонска Каменица на своето конто има 26 бода и ги сочува шансите за опстанок. Триумфот го донесоа Ајрули, Бекир и Николовски.

Во последното коло Победа ќе биде домаќин на лидерот Беса, Осогово се соочува дома со Пелистер, Тетекс гостува кај Башкими, додека Саса пред својата публика се соочува со Вардар Неготино.

На останатите натпревари во ВМФЛ, Вардар Неготино дома славеше над Новаци (2-1). За неготинци погодија Зумровски и Хасан, а за Новаци стрелец беше Јовановски. Скопје и Беласица ремизираа во меч со четири гола (2-2). Башкими и Беса одиграа реми без голови, слично беше и во Гевгелија каде се сретнаа Кожуф и Детонит.