Ќе блесне ли конечно Меси? Аргентина фаворит, но само на хартија против Венецуела

Како и лани, така и ова лето - фудбалската селекција на Аргентина си поигрува со нервите на своите фанови и во последен момент избегнува дебакл на еден голем собир. 

Ако пред една година на Светското првенство во Русија едвај се избори за елиминациона фаза, пред три дена со тесна победа над Катар во последното коло од групната фаза обезбеди учество во четвртфиналето на Копа Америка. 

Сите знаеме дека ова е последна шанса за големиот Лионел Меси да направи нешто поголемо со својата селекција. Двапати беше на чекор до освојување на јужноамериканскиот трофеј и еднаш мундијалскиот, но финалињата како да се кобни за него. Затоа овој собир кој се игра во Бразил е од големо значење за неговите амбиции со „гаучосите“. 

Следен предизвик за Меси и Аргентина е селекцијата на Венецуела, која нема пораз на овој собир. Во првото коло ремизираше со Перу, во второто остана непоразена против фаворитот Бразил, додека патот од четвртфиналето го трасираше со победата над Боливија во последното коло од групата. 

Одличните настапи на избраниците на Дудамел во првата фаза несомнено ќе донесат интересен и возбудлив натпревар против фаворизираните „гаочоси“, кои иако се фаворити на хартија, сигурно нема да им биде лесно вечерва во Рио (21:00 часот).