Следи спектакл во Битола: Распродадено првото дерби под рефлектори!

Во рамките на 13. коло на ПМФЛ ќе се одигра историски натпревар на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола. 

Домаќинот Пелистер ги заврши сите подготовки навремено за на „вечното дерби“ со Вардар да дебитира во вечерен термин и под рефлектори. Во претходните денови се продаваа билети за натпреварот, а денес пелистерци објавија дека стадионот е распродаден. Се продаваа карти за новата трибина која треба да има капацитет поголем од 5.000 луѓе. Сепак, на неа два сектори се за популарните „Чкембари“, а еден ќе биде тампон зона. И покрај тоа се очекуваат околу 5.000 луѓе на стадионот.

Но, тоа нема да биде сè. На старата трибина на стадионот ќе бидат сместени „Комитите“ кои се мобилизираат и најавуваат најголемо гостување досега. Атмосферата пред мечот е на високо ниво, а сите ситници најавуваат спектакл под рефлектори во Битола. 

Средбата меѓу Пелистер и Вардар се игра в недела во терминот од 19:00 часот.