Ќатип Османи и соработниците си заминаа од Косово

Фудбалскиот клуб Малишева и официјално потврди дека ја прекина соработката со својот досегашен шеф на стручниот штаб, Ќатип Османи. Заедно со него, од клубот си заминуваат и неговите најблиски соработници, помошните тренери Башким Ливорека и Лиридон Кукај.

Раководството на Малишева се заблагодари на Османи и неговиот стручен тим за професионалноста, ангажманот и посветеноста што ја покажаа во изминатиот период.

Од клубот истакнуваат дека и покрај одредени позитивни моменти во играта и резултатите, двете страни заеднички донеле одлука да се разделат, со цел да се овозможи нова енергија и пристап во остатокот од сезоната.

Ќатип Османи е тренер со големо искуство во македонскиот фудбал. Низ кариерата работеше во Струга Трим Лум, Шкендија, Ренова, Шкупи, како и во Влазнија во Албанија.