Киву: Ротацијата е најважна во Интер, мојот тим нема „стандардни првотимци!“

Тренерот на Интер, Кристијан Киву, уште еднаш ја потенцираше важноста на ротацијата и конкурентскиот дух во составот на „нероаѕурите“, нагласувајќи дека никој играч нема загарантирано место во првиот тим.

Ротирањето во составот беше очигледно и на натпреварот против Каират Алмати во Лигата на шампионите (2-1), нешто што е сосема очекувано кога се игра во распоред „среда-недела“. 

„Моето прво правило е меритократијата. Секој мора да се подготвува на највисоко ниво, и на теренот и надвор од него, за да го заслужи своето место. На мојот состав не гледам како на „стартна единаесетка’, туку како на група од 22 играчи, од која сите можат да придонесат.

Нема правило дека мора да имам еден голман за Лигата на шампионите и друг за првенството. Ќе им давам шанса на сите, според моето чувство и потребите на тимот. На тренинзите постојано мешам состави за сите да се чувствуваат важни и одговорни. 

Можеби некој денес е лут затоа што мисли дека нема да игра утре, но и тоа е добро за мотивацијата и за екипата. Сакам никој да не се чувствува удобно. Секој мора секогаш да биде подготвен за најдобро издание. Против Каират ротиравме, но повторно изведовме силен тим, затоа што во Лигата на шампионите нема слаби противници“, рече Романецот. 

Интер за првпат сезонава прими гол во елитното натпреварување, но на крајот славеше победа со конечни 2-1 и останува со максимални 12 бода на табелата.