• Саше Љолес
Екипата на Интер извојува многу значајна победа на гостувањето кај Комо (3-4), а тренерот Кристијан Киву не го криеше задоволството по мечот и изјави дека тимот покажал сериозен карактер.
„Нероаѕурите“ итаат кон нова шампионска титула во Серија А, но Киву предупредува дека работата уште не е завршена.
„Знаевме дека нема да биде лесно, Комо покажа дека е незгоден тим што секогаш знае да создава опасност за противниците. Бевме во тешка ситуација кога губевме со 2-0, но се радувам на карактерот што го прикажавме во продолжение на мечот. Голот на крајот на првото полувреме ни даде самодоверба за вториот дел.
Се соземавме, на полувремето се договоривме дека ќе одиграме максимално фокусирано и успеавме да ја оствариме целта. Комо се бори за висок пласман, а ние за шампионската титула. Ништо не е готово, мораме да работиме напорно на сите мечеви до крајот на сезоната“, изјави Киву.
Интер сега има девет бода предност во однос на Наполи. До крајот на првенството во Италија остануваат уште шест кола.












