Киву: Не ми се допадна изданието против Јуве, ја бараме препознатливата форма

Интер го совлада Јувентус со 2-1 на пријателскиот натпревар во Перт, но тренерот на „нероаѕурите“, Кристијан Киву, не беше целосно задоволен од изданието на својот тим, особено во второто полувреме.

Романскиот стратег даде искрена изјава и најави дека неговите играчи треба уште да поработат за да ја достигнат потребната физичка форма пред почетокот на сезоната. 

„Секогаш можеме подобро. Добро е што турнејата ја завршуваме без повреди, но сè уште не сме подготвени. Ни требаат уште неколку недели за да ја достигнеме потребната острина.

Второто полувреме воопшто не ми се допадна. Воопшто, особено пристапот. Мораме да пронајдеме повеќе решенија. Точно е дека вториот гол го постигнавме во најдобриот период на Јувентус, но мораме да бидеме подобри“, изјави Киву.

Романскиот стратег беше прашан и дали веќе го има замислено тимот со кој ќе ја започне новата сезона.

„Нема првотимци и резерви, дури ни кога станува збор за голманот. Секој мора да даде свој придонес во остварувањето на целта“, заклучи Киву. 

Интер ја започнува новата сезона со натпреварот против Монца, кој ќе се одигра на 22 август на „Џузепе Меаца“ во Милано.