Киву: Мора да научиме како да се бориме со неправди...

Екипите на Интер и Ливерпул одиграа тврд дерби-дуел во Лигата на шампионите, меч од кој се очекуваше атрактивен фудбал, но наместо тоа главна тема по натпреварот беа грубите прекини во играта и спорната судиска одлука во самиот финиш. Победникот беше решен во 88. минута кога Доминик Собослај реализираше пенал за кој се водат полемики.

Алесандро Бастони го повлече Флориан Вирц за дрес, без вистинска потреба и без контакт со топката. Иако постоеше прекршок, интензитетот на контактот беше дискутабилен. Реакцијата на ВАР дополнително го разгневи домашниот табор. Тренерот на Интер, Кристијан Киву, по мечот не го криеше револтот кон судијата и истакна дека неговиот тим бил оштетен.

„Ретко коментирам судиски одлуки. Говорам за едукација и за тоа што треба да ги учиме луѓето, особено во Лигата на шампионите. Судијата беше во одлична позиција да го види целиот инцидент и одлучи дека тоа не е пенал. Кога се вмешува ВАР мора да ја разбере динамиката на играта. Мораме да ги прифатиме одлуките и да научиме да се бориме против неправдата, да бидеме повнимателни во таквите ситуации и да се обидеме да се фокусираме на добрите работи што можеме да ги направиме.

Нерешено беше праведен резултат со оглед на тоа како се одвиваше натпреварот. Немавме доволно енергија во првото полувреме и се мачевме со нивниот интензитет, но потоа најдовме начин да им создадеме проблеми. Тоа се случи откако бевме приморани да направиме две измени, што значеше дека во второто полувреме веќе не можевме да менуваме и останавме без енергија“, изјави Киву.

Интер сега мора да ја преболи тешката загуба и да се насочи кон продолжението од сезоната, додека Ливерпул со драгоцени бодови останува во чекор со врвот.