Киву: Mора да го промениме менталитетот, Интер може да биде доминантен тим!

Тренерот на Интер, Кристијан Киву, изјави дека видел позитивни нешта во играта на дербито против Јувентус, па, без оглед на поразот од 4-3, се обиде да упати пофални зборови за своите избраници. 

Романскиот стратег е убеден дека тимот ќе биде подобар во иднина, а воедно се осврна и на минатата сезона, за која рече дека оставила длабока трага во менталитетот на играчите. 

„Мислам дека не заслуживме да загубиме, но мораме да го прифатиме епилогот. Видов позитивни работи во играта, особено во второто полувреме кога на моменти бевме доминантни.

Имавме водство, но не успеавме да се фокусираме во клучните моменти. На тоа мораме да поработиме за да не ни се случува нешто слично во иднина. 

Го добивме назад вистинскиот Чалханоглу, одигра маестрален натпревар, но сметам дека моравме да се движиме и да маркираме подобро во финишот. Последните десет минути не ми се допаднаа, а Јувентус успеа да го искористи тоа.

Сметам дека мораме да ја избришеме трагата од минатата сезона и да го промениме менталитетот. Имаме одличен тим кој може да биде доминантен“, рече Киву. 

Интер има само три бода после три одиграни кола во Серија А. Во следната рунда „нероаѕурите“ на домашен терен ќе го пречекаат тимот на Сасуоло.  

ФОТО/PHOTO: Inter/Twitter/X