Киву: Лесно е кога имате играч како Чалханоглу, ќе се бориме за два трофеја!

По победата на Интер со 3-2 над Комо во полуфиналето од Купот на Италија, тренерот Кристијан Киву упати честитки до играчите и стави особен акцент на карактерот на тимот. 

„Нероаѕурите“ направија уште еден голем пресврт против истиот ривал и се вратија од негатива од два гола (0-2), нешто што остави силен впечаток кај романскиот стратег. 

„Знаевме дека нема да биде лесно. Очекувавме дека Комо ќе биде фокусиран на овој меч и ќе прикаже силна офанзива, но не бевме доволно подготвени во првото полувреме. Грешевме и правевме несфатливи додавања, но сето тоа го исправивме во вториот дел. 

Одигравме како што се договоривме на паузата, сакавме бргу да се вратиме во мечот и среќен сум што успеавме. Сите пофалби одат за целиот тим, кој покажа одличен карактер.

Кога имате играчи како Чалханоглу, секогаш сте во добра позиција на теренот. Одличен беше и Сучич, но и сите останати. Се радувам што сме во финалето, ќе имаме прилика да се бориме за два трофеја сезонава“, изјави Киву. 

Финалето во Купот на Италија ќе се одигра на 13 мај на стадионот „Олимпико“ во Рим. Противник на Интер ќе биде Лацио.