• Саше Љолес
Тренерот на Интер, Кристијан Киву,, изрази големо задодоволство после победата над Кремонезе во Серија А (4-1), а воедно упати и пофални зборови за напаѓачот Анге-Јоан Бони, кој беше движечка сила на тимот.
Бони постигна еден гол и впиша дури три асистенции, податок кој неизмерно го радува романскиот стратег.
„Полека влегуваме во посакуваната форма. Ми се допадна тоа што го видов на теренот, а особено сум задоволен од изданието на Бони. Ги знам неговите квалитети и токму затоа го доведовме кај нас. Може да биде одлична опција во нападот, особено во моментите кога го немаме Турам.
Не сакам да зборувам за минутажа и одиграни натпревари. Сите ќе ја добијат шансата што ја заслужуваат. Добро е да имаме повеќе опции во нападот, зашто сезоната е долга и напорна. Посакувам да продолжиме во ист стил и после паузата за репрезентативен фудбал“, изјави Киву.
Интер го впиша четвртиот триумф сезонава, трет во низа. „Нероаѕурите“ сега имаат 12 бода, а во следното коло ќе отпатуваат на дерби меч кај екипата на Рома.
ФОТО/PHOTO: Inter.it


