• Саше Љолес
Тренерот на Интер, Кристијан Киву, порача дека освојувањето на двојната круна во Италија е голем успех и дека таквите моменти не треба да се сметаат за нешто секојдневно.
Интер ја комплетираше фантастичната сезона со триумф од 2-0 против Лацио во финалето на Купот на Италија, откако претходно ја обезбеди и титулата во Серија А.
„Освоивме две титули оваа сезона и мислам дека целосно ги заслуживме. Среќни сме за навивачите и за клубот кој постојано ни даваше поддршка. Ги освоивме Скудетото и Купот на Италија, а тоа никогаш не смее да се оцени како лесна задача“, изјави Киву по натпреварот во Рим.
Романскиот стратег на тој начин стигна до својот прв голем трофеј како тренер на сениорски тим, а воедно му ја донесе на Интер првата двојна круна по историската 2010 година, кога клубот под водство на Жозе Мурињо ја освои и Лигата на шампионите.
Капитенот Лаутаро Мартинез исто така го пофали својот тренер, оценувајќи дека Киву „завршил работа за чиста десетка“.




