Китановски: Земјотресот во Албанија беше страшен, не сум видел во животот професионалец како Есиен

Gol.mk ексклузивно интервју

Неколку македонски фудбалери и тренерот Мирсад Јонуз летово се одлучија својата професионална кариера да ја продолжат во соседна Албанија. По настапите во Романија, Србија, Хрватска и Азербејџан. Томе Китановски го прифати албанскиот предизвик и потпиша за Кукси од Тирана.

27-годишниот десен бек мина половина сезона и по страотниот земјотрес во Албанија, се раздели со Кукси и овој јануари ќе потпише за нов клуб и многу веројатно во друго национално првенство. Силниот земјотрес остави траги и врз Китановски и неговото семејство. 

„Сакам да изразам сочувство до семејството на загинатите. Јас и моето семејство бевме во Тирана, знаете дека земјотресот беше во 3.50 наутро. Такво тресење не сум дожиевеал. Идниот ден со моето семејство се вратив во Битола, откако разговарав со спортскиот директор на Кукси. Мислам дека не е безбедно по тоа што го прежиевеав. Клубот Кукси е одличен, жал мие што нема да продолжиме заедно во иднина“, смета битолчанецот.

По 15-тина натпревари во соседството Китановски направи споредба меѓу албанскиот и македонскиот фудбал. 

„Нивото на албанскиот фудбал е слично како македонското ниво. Но, сепак тие многу вложуваат. Секоја натпревар од албанскиот шампионат се емитува на телевизија и после секој натпревар има анализа. И Албанците исто како и ние имаат проблеми со инфраструктурата. Пред некој месец го пуштија во употреба „Националниот стадион“, кој вреди 60-70 милиони евра и таму ќе игра само националната репрезентација“, вели поранешниот фудбалер на Пелистер.

Китановски не е сам во Албанија. Таму играат уште неколку Македонци, Јонуз со успех ја води Влазнија, Неџипи е спортски директор баш во клубот за кој настапува десниот бек Кукси. 

„Се слушам со Баже Тодоровски, Александар Ристевски, во Влазнија работи и тренерот Мирсад Јонуз. Кога би ги споредувал македонската и албанската селекција, во овој момент мислам дека нашата репрезентација е поквалитетна. Можеби мал минус ни е што не сме се квалификувале на едно големо натпреварување, но во овој момент мислам дека располагаме со поголем квалитет“, убеден е Китановски.

Неговите планови пак се врзани за странство и мали се шансите дека Китановски ќе го видиме во ПМФЛ во 2020 година.

„Приоритет ми е да продолжам надвор од границите на Македонија. Сега е рано да се зборува за тоа. По новогодишните празници ќе има повеќе новини“, јасно нагласи Китановски.

Од Крајова, преку Вождовац и Лучани, Пула и Копривница, до Баку и Тирана. За 27-годишен фудбалер Китановски има солидно интернационално искуство. Затоа ни го издвои најдоброто од неговите интернационални денови.

„Од мојата кариера би го издвоил искуството во хрватскиот шампионат, како еден од најквалитетните на Балканот. Би ги издвоил и шесте месеци минати во Азербејџан и тоа во иста екипа со Мајкл Есиен. Во годината во која се играше финалето на Лига Европа во Баку, Есиен беше дел од семинар во Азербејџан и така дојде до првиот контакт. Се договори да одигра половина сезона во Сабаил и ве уверувам дека таков професионалец не сум сретнал и нема да сретнам. Есиен е комуникативен, сака да се шегува, многу е нормален како личност“, вели Томе Китановски.

 

За националниот тим Томе Китановски запиша еден настап, со Јаневски како селектор, а претходно редовно го носеше дресот со државниот грб во младинските категории. Враќањето во националната селекција е целта за која што работи и напредува. 

„Нешто посебно е да играте за вашата земја. Имам искуство во националниот тим со селектори како Бочевски, Бабунски и Јаневски. Посебно е чувството да се игра за Македонија и заедничка желба на сите ни е пласман на едно Европско или Светско првенство“, искрено раскажува битолчанецот.

Корпулетниот и брз страничен фудбалер направи споредба и со нашиот шампионат во периодот во кој што тој настапуваше и денешното првенство на Македонија.

„Споредено со периодот кога јас настапував во ПМФЛ мислам дека нема некоја драстична разлика, но сега играат помлади фудбалери од пред 5-6 години. Го следам македонското првенство, имам многу другари, пријатели кои играат и се радувам ако нашиот шампионат напредува“, заврши Китановски. 

По шест сезони минати во пет национални првенства, нема да биде изненадување наскоро Китановски да го видиме во некоја нова реалност по романската, српската, хрватската, азербејџанската и албанската. 

Разговара: Зоран Мишевски