• Мартин Танасковски

Македонскиот интернационалец Томе Китановски е слободен агент, а прва екипа која застана во редот за неговите услуги е Зрињски од Босна и Херцеговина.
Китановски настапуваше за Истра, но по финансиската криза тој реши да си замине, заедно со Ристо Митревски. Дефанзивецот е пред потпис во Израел, додека на Китановски наредна дестинација може да му биде босанскиот шампионат.
„Преговарам со Зрињски. Клубот преку агентот дојде до мене и ми понудија договор. Ќе видиме што ќе биде од целата приказна во наредниот период“, ги потврди преговорите Китановски.
Битолчанецот кој има 25 години кариерата ја почна во Пелистер, а настапуваше и за Крајова (Романија), Вождовац (Србија), Младост Лучани (Србија) и Истра (Хрватска). За репрезентацијата има еден настап, во 2012 година.