ВИДЕО: Кировски погоди против Струга ТЉ и стави крај на лошата серија на Скопје

Екипата на Скопје конечно стави крај на лошите резултати, откако по пет натпревари во низа им се врати на победите во домашниот шампионат. Во рамки од 16. коло во ПМФЛ од Автокоманда со пораз си замина тимот на Струга Трим Љум (1-0), кој пред почетокот на натпреварот ја имаше улогата на благ фаворит, но не успеа да го покаже тоа на терен и заслужено остана без бодови.

Домашните фудбалери, по како што тврдат тие од неправедното судење против Шкупи во претходното коло, доста мотивирано го отворија денешниот меч со стружани и наметнаа силно темпо на игра кое донесе неколку возбудување пред голот на Талески. По само неколку минути игра Десниќ доби одлична топка во празно и имаше зицер позиција, ама иако го совлада гостинскиот голман, неговиот лоб удар заврши покрај голот. 

Иницијативата на скопјани донесе и еден спорен момент, откако по еден корнер двајца домашни фудбалери се најдоа на земја, но Игор Стојчевски не ја прекина играта. Во 22. минута непрецизен удар испрати и Ален Јашароски. 

Кон средината на полувремето натпреварот во Автокоманда беше за момент во прекин, поради груб старт и мешаница покрај аут-линијата, кои донесоа неколку жолти картони на двете страни. Во продолжение Скопје одново беше тимот кој заслужи почетно водство, но искусниот Кировски не реализира од изгледна позиција. На спротивната страна Малески по еден одличен соло-продор излезе сам пред Ефремов, но домашниот голман ја потврди одличната форма и ја забележа првата интервенција на натпреварот.

На полувреме мрежите мируваа во Автокоманда, а само што започна вториот дел Десниќ одново се најде во колосална шанса за погодок, но ниту овој пат не ја смести топката во посакуваната цел, затоа што шутираше премлако за да го изненади Талески. 

Двата стратези со по неколку замени пробаа да го внесат свежина во своите редови, но како се доближуваше крајот, така темпото на игра опаѓаше. Сепак, во 78. минута домаќините конечно одиграа една комплетна тимска акција и искусниот Кировски со сигурна реализација донесе заслужена предност и победа на Скопје од 1-0.

Во следното коло, кое на програмата е викендов, Скопје ќе патува во Тетово кај шампионот Шкендија, додека Струга победа по пауза од три кола ќе брка на свој терен против Ренова.