Кировски: Лесно ќе се вклопам во овој Вардар

Екипата на Вардар доби нов голман, во 27-годишниот Александар Кировски, кој доаѓа како слободен агент.

Кировски, кој е поранешен младински репрезентативец на Србија, настапуваше за Чукарички, но му истече договорот и реши да се пресели во Македонија. Во првата кратка изјава, вели дека му е драго што станал дел од македонскиот тим.

„Драго ми е што станав дел од клуб каков што е Вардар. Нема да ми биде тешко да се адаптирам на средината, со оглед на тоа што веднаш патувам за Словенија каде ќе бидам дел од подготовките“, изјави Кировски за српски „Журнал“.

Во Вардар тој доаѓа по препорака на Дарко Панчев, а со клубот потпиша двегодишен договор, со можност за продолжување на уште две години. Кировски покрај за Чукарички настапуваше и за Земун и Црвена Звезда.