Кире Ристевски тренира со Вашаш, но активно бара нов клуб

Македонскиот репрезентативец Кире Ристевски до крајот на овој преоден рок ќе го менува клубот и ќе го напушти унгарскиот тим Вашаш.

Ристевски пристигна во Вашаш во 2016 година и стана важен дел од првиот тим. Но, тимот не успеа да обезбеди опстанок во унгарската елита, а според правилата, во второлигашкото друштво клубовите не можат да имаат странци во своите редови.

Така, Ристевски ќе мора да побара нова средина, а додека го прави тоа, активно тренира со Вашаш за да ја одржува формата. За македонскиот стопер заинтересирани се клубови од Унгарија, но има и уште неколку други тимови во игра за неговиот потпис.

Централниот дефанзивец кој е и репрезентативец на Македонија со вкупно 23 настапи потекнува од школата на Пелистер. Низ кариерата играше во Албанија, каде го носеше дресот на три клуба - Елбасан, Тирана и Билис, а исто така беше дел и од Славија Софија и Работнички.