• Горан Упале

Манчестер Јунајтед оствари лесна победа на гостувањето кај Евертон. Конечниот резултат на натпреварот гласеше 0-3 за гостите, резултат кој што ретко кој можеше да го очекува, ако се земе предвид лошата форма на „ѓаволите“ и проблемите со повредите.
Гарначо му донесе водство на Манчестер Јунајтед со извонреден гол во третата минута, а Рашфорд го постигна вториот погодок. Конечниот резултат го постави Марсијал, а тренерот на оваа екипа Ерик Тен Хаг беше презадоволен по натпреварот.
„Можете да видите каков одличен капитен е Бруно Фернандеш. Тој му дозволи на Рашфорд да го изведе пеналот. Бруно размислува за другите и е свесен колку му беше потребен овој гол на Рашфорд. Мораме да одиме чекор по чекор. Ова е еден од тие чекори“, рече Тен Хаг.
Легендарниот Рој Кин воопшто не беше задоволен од кажаното на менаџерот на Манчестер Јунајтед.
„Манчестер Јунајтед сега е шести. Кога беше шести пред неколку години беше срамота. Но очигледно сега тие се задоволни со шестото место. Имаат долг пат за да се натпреваруваат со Манчестер Сити, Ливерпул и Арсенал. Сега ги имате и Тотенхем и Астон Вила, а тука е Њукасл“, рече Кин.
Ирецот ја коментираше и јавната пофалба на Бруно Фернандеш од страна на менаџерот.
„Тој вели дека главната работа е што дозволи некој друг да го изведе пеналот. Па, тоа е ѓубре. Тоа што тој го зборува е ѓубре“, заврши Кин.
Рашфорд минатата сезона беше убедливо најдобриот играч и стрелец на Манчестер Јунајтед, но оваа е во голема криза и досега постигна само два гола на дванаесет натпревари во Премиер.