ВИДЕО: Киксот со Парма е минато, Јувентус убедливо го надигра Сасуоло

По неочекуваното реми против Парма (3-3), италијанскиот шампион Јувентус им се врати на успесите во домашниот шампионат и со убедливи 0-3 го совлада тимот на Сасуoло, во претпоследниот денешен натпревар од 23. коло на Серија А. 

„Старата дама“, предводена од Роналдо, Манџукиќ и Бернардерски во нападот, одигра нов рутински натпревар и за разлика од претходниот против „млекарите“ на кој во последните секунди прокоцна победа, вечерва не дозволи нов кикс и речиси во сите 90 минути ја контролираше играта и заслужено стигна до јубилејната 20-та победа оваа сезона. 

Дуелот на „Мапеи Стадиум“ започна со големо возбудување пред голот на Шчесни, откако домашните бараа пенал, но главниот судија Мацолени по инструкции на ВАР одлучи играта да продолжи. 

Како одминуваа минутите, така Јуве беше сè поблиску до прв погодок, а тој стигна во 23. минута, кога Кедира искористи еден отпадок и ја смести топката во празната мрежа на Сасуоло, за водство од 0-1, резултат со кој се и замина на одмор. На стартот од вториот дел шампионот преку Роналдо, Де Шиљо и Кедира пропушти три изгледни шанси за двојно водство, додека на спротивната страна Локатели биеше високо над голот по една мешаница пред голот на Јуве. 

Сепак, иницијативата на Јуве вроди со плод во 69. минута, кога Роналдо го натскока домашниот голман и со прецизен удар со глава зголеми на 0-2, додека во самиот финиш Емре Чан ги постави конечните 0-3.

Во следното коло Јуве пред своите гледачи ќе се сретне со Фросиноне, додека Сасуоло ќе гостува кај Емполи.