• Саше Љолес
Екипата на Милан не ја оправда фаворитската улога и одигра нерешено (2-2) против Сасуоло во натпреварот од петнаесеттото коло во италијанската Серија А.
- Извештај од натпреварот:
Гостите поведоа со голот на Исмаел Коне во 13. минута, но „росонерите“ возвратија пред крајот на првото полувреме преку Давиде Бартезаги, кој го постави резултатот на паузата (1-1).
Одлично започнаа миланезите во вториот дел, Бартезаги повторно стрелаше по само две минути игра, а потоа имаа и два брзи поништени голови во многу краток период. Се чинеше дека Милан е близу до нова победа, но гостите не се предадоа и приредија нов шок за домашните навивачи. Сасуоло израмни на 2-2 во 77. минута преку Французинот Арманд Лауриенте, кој воедно го постави и конечниот резултат на натпреварот.
Натпреварот беше преполн и со спорни моменти. Прво домаќините протестираа што не им беше признат голот за 3-1, а потоа гостите во финишот бараа пенал при 2-2 по прекршокот на Павловиќ, но судиите и ВАР-собата не се огласија.
За Милан ова е петто реми сезонава и засега останува на првото место на табелата, додека Сасуоло е на деветтата позиција со вкупно 21 освоен бод. Во следното коло „росонерите“ ќе ја пречекаат Верона на „Сан Сиро“, а Сасуоло ќе се соочи со екипата на Торино.








