ВИДЕО: Киеза поцрвене на дебито, ВАР го сопре Јувентус во Кротоне

Актуелниот италијански првак Јувентус ги разочара навивачите, затоа што одигра реми (1-1) со повратникот во Серија А, Кротоне, во рамките на четвртото коло од Серија А и заостанува четири бода од лидерот Милан кој е перфектен со 4/4.

  • Извештај од натпреварот:

Дуелот по добро нема да го памети Федерико Киеза, кој дебитира во дресот на „бјанконерите“, ама со црвен картон. Единствена негова светла точка е асистенцијата за изедначувачкиот погодок. Кротоне одигра доста добро, посебно во одбраната, затоа што одолеа на доста напади на фаворитот, а и ВАР беше на страната на домашните поради поништен гол на Јувентус.

Резултатот го отвори Сими во 12. минута откако реализира од пенал кој претходно го направи Леонардо Бонучи, а во 21. минута, Киеза го пронајде Мората, а Шпанецот реализира. Во 60. минута Киеза беше невнимателен и доби директен црвен картон, но и тоа не беше пречка Јувентус да постигне втор гол. Пак стрелаше Алваро Мората во 76. минута, но по консултација со ВАР-собата утврдено е дека постоело минимален офсајд.

Така, повратникот во Серија А дојде до голем бод со шампионот, прв за Кротоне оваа сезона. Јувентус, пак, го одигра второто реми, а во следната рунда ќе мора да се „вади“ со победа над Верона која ја пречекува на домашен терен.