ВИДЕО: Кепа е херој, Челзи по пенали до трофеј во Суперкупот!

Фудбалерите на Челзи го освоија вториот трофеј во Суперкупот во историјата, откако во финалето во Белфаст беа подобри од Виљареал по изведувањето пенали со 6-5 (1-1). Пресметката на „Виндзор pарк“ понуди различни периоди, во кои двете екипи имаа свои моменти. Кога сè ќе се собере, Челзи одигра подобар натпревар од ривалот и на крајот подобро шутираше пенали, па дојде до нов европски трофеј. 

  • Извештај од натпреварот: 

„Сините“ тргнаа далеку подобро од ривалот. Избраниците на Тухел имаа целосна контрола на средината од теренот, притискаа и напаѓаа. Прв по голот на Виљареал се закани Вернер, но неуспешно. Целосната надмоќ не беше искористена во целост, бидејќи шпанскиот тим одлично парираше и се бранеше. 

Отпорот на „жолтата подморница“ беше скршен во 27. минута, со голот на Хаким Зијеч. Акцијата тргна уште на половината на Челзи, Маркос Алонсо упати одлична топка по страна кон Каи Хаверц, а Германецот ја уфрли на пеналтикот каде што се најде Зијеч и ја смести во мрежата (1-0). 

По постигнатиот гол, натпреварот се отвори. Бргу по него, првата закана по голот на „сините“ ја имаше Булаје Диа, кој изнуди добра одбрана од Менди. Англискиот состав пак продолжи да игра подобро, но сликата драстично се промени. Виљареал тргна многу посмело и поотворено, а Челзи го искористи просторот да се закани во неколку наврати. Шанса за издвојување имаа Шпанците, откако Алберто Морено ја стресе пречката. Во пресрет на полувремето, бекот доби нафрлување на втора статива и со одличен волеј погоди во рамката од голот и го опомена Челзи. 

По полувремето, улогите се заменија и Виљареал беше тимот кој беше поконкретен. Уште на стартот, по кикс на голманот Менди, Џерард Морено ја погоди стативата. По него, добра можност имаше и Еступинан кој се проби од лево, но чуварот на мрежата на Челзи пак беше поуспешен. 

Одбраната на Челзи делуваше конфузно, а тоа кулминираше кога Рудигер практично им додаде топка на ривалите. Тогаш започна акцијата од која Виљареал израмни, Морено одигра двојно проигрување со Диа кој атрактивно со пета му врати, а напаѓачот го матираше Менди за 1-1 во 73. минута. До крајот на регуларниот дел, Челзи се обиде да наметне притисок и имаше неколку шанси кои не беа премногу опасни, па дуелот прејде кон продолженијата.

Првото продолжение мина мирно, двете екипи играа рационално и не се залетуваа премногу напред. Најзрелата шанса ја имаше Кристијан Пулишиќ, кој излета пред голот на Виљареал, но биеше крај левата статива и немаше резултатски промени. Во второто продолжение, изостанаа сериозните закани и јасно беше дека ќе одлучува пенал-рулетот. 

Во првите две серии, прво Асенхо, а потоа и Кепа кој доби шанса ги брани пеналите, фатија по еден пенал. Потоа, следеа сигурно изведени удари од двете екипи, па долго немаше промашувања и одлуката падна во седмата серија, кога Кепа го одбрани ударот на Раул Албиол.

Челзи пред две години во Суперкупот на Европа во Истанбул против Ливерпул загуби на пенали, а вечерва на идентичен начин се радуваше на пехар. Со ова одличје „сините“ го минаа Манчестер Јунајтед по бројот на интернационални трофеи.

Состави

Томас Тухел

3-4-2-1

    Унаи Емери

    4-3-3