• Иван Димовски

Екипата на Ренџерс дојде до триумф на тешкото гостување во Португалија кај Брага и со 0-1 од денешниот и 3-2 од првиот меч, се пласира во осминафиналето од Лигата на Европа. Домаќинот беше тимот кој ја контролираше играта и диктираше темпо, но тимот на Стивен Џерард одигра пефректна партија во дефанзивата и преку Кент стигна до славје.
- Извештај од натпреварот:
Гостите подобро го отворија натпреварот и првата можност ја имаа преку Камбери кој од еден на еден ситуација со голманот Метјус, биеше млако по голот. Кратко по неа, слично и Рајан Кент доби прецизна топка во шеснаесетникот, но истата заврши непосредно до стативата.
Домаќинот се закани во неколку наврати преку Паулињо, но МекГрегор ги спречи неговите шутеви со глава. Ренџерс доби шанса да го загрози голот на противникот од пенал во самата завршница од полувремето, кога Мело да Силва играше со рака. Сепак, ударот на Хаџи го одбрани Метјус и на полувреме тимовите заминаа со 0-0.
По паузата мечот продолжи со исто темпо, Брага имаше контрола на топката, но гостите беа поконкретни и преку контри беа константна закана. Конечно во 61. минута Рајан Кент се извади за промашените шанси, кога стрелаше за 0-1. Јанис Хаџи украде топка, тргна во контра и упати прецизна топка кон брзиот напаѓач кој добро се снајде и го матираше голманот.
Португалскиот состав мораше да тргне кон голот на МекГрегор, иако одбраната на Ренџерс беше одлично поставена. Дефинитивно најголема опасност беше Паулињо, кој испушти нова шанса кога од непосредна близина ја погоди надворешната страна од стативата.
Шкотланѓаните постигнаа и втор гол преку Арфилд, но истиот оправдано беше поништен поради длабок офсајд на играчот за врска. До крајот на средбата Брага се закани одново преку Паулињо, кој со глава биеше над голот на Ренџерс, a на спротивната страна Оџо беше спречен од голманот на домашните.
Тимот на Џерард, иако дојде да ја брани предноста од Шкотска, сепак победи минимално и со славје заминува од „Естадио Мунисипал де Брага“.