• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Келн продолжуваат да ја потврдуваат својата конкурентност по враќањето во Бундеслигата. Во отворањето на шестото коло тие забележаа голем триумф на гостински терен, совладувајќи го Хофенхајм со минимални 1-0.
Клучниот момент на натпреварот се случи уште во 16. минута, кога Саиед Ел Мала со одличен соло-продор ја совлада одбраната на домаќините и ја смести топката во мрежата. Тој погодок се покажа како единствен и одлучувачки, а воедно му донесе на Келн трета победа сезонава.
- Извештај од натпреварот:
„Јарците“, кои сезонава се вратија во најсилната германска конкуренција, веќе покажуваат дека нема да бидат само епизодисти во елитата. Со овој триумф, Келн се издигна на четвртото место на табелата со 10 освоени бодови, што е одличен капитал за клуб кој минатата сезона се бореше во понизок ранг.
Од друга страна, Хофенхајм, кој не успеа да ја искористи домашната предност, остана на 10. позиција со седум бода.







