• Горан Упале
Фудбалерите на Келн, кои оваа сезона се натпреваруваат во второлигашката конкуренција, пред својата публика го совладаа новиот бундеслигаш Холштајн Кил и со тоа го продолжија патот во најмасовното фудбалско натпреварување во Германија.
На „Рајн Енерџи стадиум“ домашниот тим славеше со убедливи 3-0 (1-0). Водство за Келн донесе Тим Лемперл уште во осмата минута од натпреварот, додека точка на победата стави Валдшмит со два гола во самиот финиш.
Меѓу најдобрите шестнаесет се најде и екипата на Штутгарт, која што потешко од очекуваното, со 2-1 славеше на соочувањето со Кајзерслаутерн. Волдмејд и Фухриќ беа автори на вечерашниот успех на „швабите“, а единствениот гол за поразениот тим го постигна Томиак за тогашни 1-1.
Осминафинале обезбеди и тимот на Регенсбург, кој го искористи домашниот терен и со минимални 1-0 извојува победа над Гројтер Фирт.
Стрелец на единствениот погодок на натпреварот беше Расим Булиќ, кој само четири минути по постигнатиот гол заработи директен црвен картон. Но, на негова среќа тоа не се одрази на конечниот резултат.