Кејн: Немавме сили во завршниците, одигравме тежок Мундијал!

Селекцијата на Англија без место на пиедесталот ги заврши настапите на Светското првенство во Русија. Попладнево „Гордиот Албион“ со 2-0 го загуби малото финале против Белгија, но сепак го запиша најголемиот успех во својата историја, по златниот медал од Светското првенство во 1966 година. 

Герет Саутгејт за денешниот дуел се одлучи за комбиниран состав, но неговите момци не успеаја да ги сопрат разиграните Белгијци, а капитенот Хари Кејн по мечот истакна дека останале без сили во завршниците, бидејќи одиграа тежок и исцрпувачки турнир. 

„Задоволен сум од одиграниот натпревар, особено во вториот дел, кој го одигравме на високо ниво. Имавме иницијатива и неколку изгледни шанси, но немавме сили во завршницата. Имавме тежок и исцрпувачки турнир, а на другата половина имавме квалитет противник каков што е Белгија“, изјави капитенот. 

Доколку не се случи нешто спектакуларно на утрешното финале, Кејн ќе биде најдобар стрелец на овој Мундијал. Членот на Тотенхем во Русија постигна шест гола (два против Тунис, три против Панама и еден против Колумбија).