Кејн: Не е крај на светот, целосно сум посветен на Тотенхем

Хари Кејн потврди дека е целосно посветен на Тотенхем и дека не размислува за Манчестер Сити, клуб со коj беше во контакт во текот на летниот преоден рок.

„Немам дилеми или сомнежи. Очигледно е дека се крена голема врева, што е нормално кога сте врвен спортист. Знам како да се справам со тоа. Имам добри луѓе околу мене, семејство и пријатели и одличен тренер. Очекувам дека во продолжение на сезоната, и јас и клубот ќе играме многу подобро. Целосно сум посветен на Тотенхем“, истакна одличниот напаѓач.

Во последно време, Кејн е далеку од вистинската форма. Не блескаше ниту за репрезентацијата. На натпреварот против Унгарија, кој заврши 1-1, тој ја прекина серијата од петнаесет квалификациски натпревари во кои постигнува гол.

„Тоа не е крај на светот. Се обидов, но не успеа. Имам голема самодоверба и ќе бидам подготвен за предизвиците што доаѓаат“, додаде Кејн.

Кејн се очекува да го предводи нападот на Тотенхем на натпреварот против Њукасл во следното коло од Премиер лигата, в недела во 17:30 часот.