• Иван Димовски

Фудбалерите на Англија со најголем притисок ќе допатуваат во Германија за настапот на Европското првенство.
„Гордиот Албион“ важи за прв фаворит за трофејот, а на „островот“ секој друг резултат ќе биде неуспех. По поразот од Исланд зборуваше напаѓачот Хари Кејн кој нагласи дека неговиот тим мора да се разбуди.
„Ваквите порази можат да бидат повик за будење на сите нас. Мора да сфатиме дека нема да биде лесно како што луѓето сметаат. Имаме многу работа која мора да ја завршиме, потребно е будење. Има многу елементи кои мора да ги поправиме, особено во пресингот. Натпреварите од групата фаза ќе бидат слични како оваа против Исланд. Ќе мора да се браниме квалитетно, особено на долги топки. Во напад мора да бидеме трпеливи.
Беше големо ср*ње да загубиш финале по пенали. Сепак, во фудбалот секогаш има подеми и падови. Минаа две години од последното натпреварување, мора да го заборавиме и да бидеме возбудени поради новиот турнир“, изјави Кејн.
Англичаните ќе играат во група со Србија, Словенија и Данска.